Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус во разговор со кинеските власти добил нова информација за состојбата со корона вирусот во таа земја, соопшти синоќа СЗО.
Тедрос по разговорите со директорот на кинеската Национална здравствена комисија, Ма Ксијаовеи, рече дека кинеските власти дале информации за низа теми, вклучително и за амбулантите, хоспитализациите, пациентите на кои им е потребен итен третман и интензивна нега, како и за смртните случаи во болниците поврзани со Ковид-19.
Тој вети дека СЗО ќе и обезбеди технички совети и поддршка на Кина, пренесуваат светските агенции.
СЗО наведува дека последниот налет на епидемијата, со брз и интензивен бран на инфекции предизвикани од варијантата омикрон, е сличен на тоа што беше видено во други земји.
„Пријавените податоци укажуваат на пад на бројот на случаи, хоспитализации и на тие на кои им е потребна нега. СЗО побара дополнителна детална анализа на податоците по провинциите“, се вели во соопштението.
Кина претходно вчера објави дека речиси 60.000 луѓе со Ковид-19 починале во болниците откако државата ненадејно ја прекина политиката на нулта толеранција за коронавирусот на почетокот на декември.
СЗО и повеќе земји во светот побараа од Кина да обезбеди прецизни и вистинити податоци за епидемиолошката состојба во земјата, по наглиот пораст на бројот на заразени со коронавирусот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.