Судот во Ватикан денеска го осуди италијанскиот кардинал Анџело Бечиу на пет години и шест месеци затвор за повеќе кривични дела.
Судскиот процес против Бечиу траеше две и пол години во кој тој беше обвинет за проневера, злоупотреба на службената положба и обид за лажно сведочење, пренесуваат британските медиуми.
Папата Франциск во 2020 година го разреши кардиналот Бечиу од функцијата поради непотизам, иако тој ги отфрли сите обвинувања, како и другите обвинети во овој процес, додаваат британските медиуми.
Покрај обвинувањата за пренасочување на ватикански средства кон компании или добротворни организации што ги водат неговите браќа во Сардинија, кардиналот е вклучен и во вработувањето на Сесилија Мароња, исто така од Сардинија, како дел од планот за ослободување на католичка калуѓерка киднапирана во Мали.
Мароња за таа работа во периодот 2018-2019 година од Ватикан добила 575.000 евра, но обвинителите тврдат дека парите биле префрлени на фирма што обвинетата ја отворила во Словенија, како и дека парите ги потрошила за свои потреби.
Бечиу е највисокиот црковен функционер кој некогаш бил осуден пред кривичниот суд во Ватикан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.