Војната во Украина ќе ја погоди глобалната трговска размена оваа година, предупреди Светската трговска организација (СТО), намалувајќи ја прогнозата за раст и предупредувајќи дека последиците ќе ги почувствуваат луѓето ширум светот преку повисоките цени на храната и енергијата.

Светската економија годинава ќе порасне за 2,8 отсто, предвидува СТО, намалувајќи ја сегашната прогноза за 1,3 процентни поени. Во 2021 година, активностите пораснале за 5,7 отсто.

Глобалната трговија се очекува да порасне за околу три отсто оваа година, за 1,7 процентни поени помалку од прогнозите на СТО во октомври минатата година. Во 2023 година, растот би требало малку да се забрза.

СТО предупредува дека овие прогнози, поради природата на конфликтот во Украина, вклучуваат висок степен на неизвесност.

„Војната во Украина предизвика огромно човечко страдање и штета на светската економија, во многу чувствителен момент“, предупреди во соопштение генералната директорка на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала.

Таа вели дека „ефектите ќе ги почувствуваат луѓето ширум светот, особено оние во земјите со ниски приходи, каде што домаќинствата трошат голем дел од својот приход на храна“.

Војната најмногу ќе ја погоди Украина, чија економија оваа година би можела да се намали за една четвртина во споредба со предвоената прогноза, покажаа симулациите на СТО.

Санкциите, пак, ќе предизвикаат пад на руската економија за околу пет отсто, а ќе влијаат и на Европа, главна дестинација и за рускиот и за украинскиот извоз.

Така, ЕУ може да очекува околу 1,5 отсто помал БДП, додека во другите западни земји загубата би можела да биде околу еден отсто.

Уделите на Русија и Украина во светската трговија и производство се релативно мали, но двете земји се важни снабдувачи на клучни производи, особено суровини за производство на храна и енергија.

Во 2019 година, Русија и Украина испорачаа четвртина од светската пченица, 15 отсто јачмен и 45 отсто производи од сончоглед. Само Русија учествува со 9,4 отсто од светската трговија со гориво, вклучително и 20 отсто удел во извозот на природен гас.

Покрај тоа, Русија и Украина се клучни снабдувачи на суровини во синџирот на индустриска вредност, предупредува СТО.

„Актуелната криза веројатно ќе ја влоши меѓународната прехранбена несигурност во период на веќе рекордно високи цени на храната поради пандемијата на Ковид-19 и други фактори“, додава СТО во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.