Газа треба да биде управува од администрација, а не од Хамас, која е терористичка организација и гледаме каква мизерија и трагедија им донесе на луѓето и на Појасот во целина, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
Газа не може да биде реокупирана, да биде поделена или да биде одвоена од идната палестинска држава и треба да биде управувана соодветно од легитимни власти, изјави Стано.
Според него, таа палестинска управа треба да има легитимитет, кој треба да биде потврден од страна на Советот за безбедност на ОН.
Деталите на сево ова ќе бидат утврдени кога ќе влеземе во процесот. Сега приоритетите се многу јасни. Прво треба да се соочиме со хуманитарната трагедија, која има две лица и од израелска страна и од палестинска страна, рече Стано.
Тој додаде дека од израелска страна таа трагедија се согледува во задржувањето на заложници, како и во постојаните ракетни напади од страна на Хамас, а од палестинска страна е видливото страдање на цивилите.
Според него, справувањето со овие настани е она на што ЕУ е фокусирана во моментов и што беше содржано и во заедничката изјава на 27-те земји членки од неделата и за време на вчерашната дискусија на министрите на Советот за надворешни работи на Унијата.
– Вториот чекор е за тоа што ќе правиме со конфликтот во целина. Предлогот за две држави е идејата на која што треба да работи меѓународната заедница, но секако и самите Израелци и Палестинци, изјави Стано.
Тој додаде дека некаде меѓу овие две точки треба да биде процесот што ќе се одвива чекор по чекор за конкретни прашања поврзани со идното управување со Газа.
– Но, за тоа секако, пред се, се потребни заеднички напори и од страна на Израелците и од страна на Палестинците, со огромна поддршка од меѓународната заедница, при што Европската Унија ќе игра важна улога заедно со нејзините меѓународни партнери, истакна Стано
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.