– Позицијата на Европската Унија е сосема јасна дека нападите на Хутите во Црвеното Море се илегални и се во спротивност со меѓународното право и правото на слободна пловидба и поморска безбедност, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

 

– Нема оправдување за нападите. Тоа се напади со ракети и дронови врз комерцијални бродови. Нема начин тие да бидат легално и затоа и Советот за безбедност на ОН ги осуди многу остро.

 

Повикот на ЕУ за нивно запирање е поддршка на оваа значајна Резолуција на Советот за безбедност, изјави Стано на денешниот редовен брифинг, додавајќи дека независно од тоа дали нападите се поврзани со случувањата во Газа, тие мора да запрат.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Стано потсети дека Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во соопштението објавено во петокот ја поздрави Резолуцијата 2722 на Советот за безбедност на ОН со која „остро се осудуваат нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море“.

 

Во соопштението беше посочено дека одржувањето на слободата на пловидбата во Црвеното Море е од витално значење за слободниот проток на глобалната трговија и регионалната безбедност, при што беше нагласено дека со Резолуцијата се потсетува оти државите имаат право да ги бранат своите бродови од овие напади во согласност со меѓународното право.

– ЕУ го повторува барањето на Советот за безбедност на ОН веднаш да престанат овие напади, кои ја попречуваат глобалната трговија и ги поткопуваат навигациските права, како и регионалните мир и безбедност, беше наведено во реакцијата во која се потенцираше и дека ЕУ бара воздржаност од Хутите за да се избегне понатамошна ескалација на состојбите во Црвеното Море и во поширокиот регион.

 

Стано додаде и дека независно од тоа што некои европски земји придонесуваат во операцијата „Чувар на просперитетот“, предводена од САД, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел предложил иницијатива за отпочнување специфична европска мисија за обнова на стабилноста и безбедноста на пловидбата во Црвеното Море, за што веќе ги информирал лидерите на земјите членки на Унијата, но, како што рече, тоа е процес кој е доверлив и трае и ЕК засега не сака да го коментира.

Според Стано, прашањето за состојбата во Црно Море, заедно со случувањата во Украина и во Појасот Газа ќе бидат клучни теми на Советот за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи следната недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.