Европскиот патот на Србија и на Косово води преку дијалогот што го водат со посредство на ЕУ и ако нема напредок во него, ќе нема напредок ниту во нивните пристапни процеси, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Тоа е потенцирано во голем број документи и заклучоци на Советот, во Преговарачката рамка за Србија и во извештаите за проширување за Косово и Србија. Во нив е многу јасно наведено што очекуваат ЕУ и земјите членки кога станува збор за пристапниот процес и дијалогот. Тие се дел од еден ист процес и се неодвоиви. Тоа значи дека без напредок во дијалогот и во спроведувањето на обврските, ќе нема напредок на европскиот пат – нагласи Стано.

Според него, доколку има напредок само од едната страна тоа ќе придонесе само за нејзин напредок кон ЕУ.

Во однос на ланскиот инцидент во Бањска, Стано истакна дека кога ќе биде готов конечниот извештај од истрагата на косовските власти за овој случај, ЕУ ќе го анализира и ќе донесе одлука за евентуални последици за одговорните.

ЕУ очекува безусловна соработка од сите што можат да помогнат за да се разјасни што се случи, кој соработувал, кој го организирал и кој учествувал во него. За да можеме да преземеме нешто, мора да ги видиме конечните официјални резултати од истрагата на косовските власти – додаде Стано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.