Компанијата „Индитекс“ (Inditex), која меѓу другото е сопственик на синџирот продавници за облека Зара, постигна договор за зголемување на платите во своите шпански продавници во просек за 20 отсто, објавија двата најголеми шпански синдикати.
Зголемувањето на платите достигнува и до 40 отсто во областите на Шпанија каде што платите беа најниски, се вели во соопштението на синдикатот УГТ.
Зголемувањето значи дека минималната месечна плата во Индитекс во Шпанија ќе биде 1.500 евра за продавачите и минимум 2.041 евро за работниците во продавниците со повисоки одговорности, се вели во посебната изјава на синдикатот ЦЦОО.
Синдикатите соопштија и дека Индитекс се согласил да го прилагоди растот на платите на инфлацијата во следните три години, со чиј силен раст се соочува и Шпанија.
Од Индитекс не одговориле веднаш на барањето на агенцијата Ројтерс за коментар.
Откако работниците во продавниците во градот Ла Коруња, каде што е седиштето на Индитекс, добија зголемување на платите за 25 отсто во декември, синдикатите ЦЦОО и УГТ, кои претставуваат повеќе од половина од работната сила во продавниците на Зара во Шпанија, преговараа со водството на Индитекс за зголемување на платите и бенефициите за трговците кои работат за компанијата низ цела Шпанија.
Во ноември Индитекс се договори со УГТ и ЦЦОО да исплати еднократен бонус од 1.000 евра во февруари на сите продавачи со полно работно време вработени ширум Шпанија, а сега се согласи да го плати истиот бонус следната година.
Индитекс вработува околу 165.000 работници во 177 земји во светот, од кои околу една третина во Шпанија. Околу 86 отсто од работниците работат во 6.477 продавници, а повеќето од нив се жени. Меѓу другите брендови Индитекс ги поседува и Масимо Дути, Пул-и-Беар и Бершка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.