Пилотите во авиокомпанијата „САС“ штрајкуваат веќе 11 дена, а со штрајкот се засегнати стотици илјади туристи, пред се оние од скандинавските земји.

Претставниците на работодачавот и на синдикатите во текот на вчерашниот ден ги продолжија преговорите по новиот колективен договор што беа прекинати на 4 јули, но не успеаја да ги надминат несогласувањата. Се очекува разговорите да продолжат денеска, најавуваат од синдикатот „Данск метал“ што ги застапува данските пилоти во „САС“.

Авиокомпанијата што подолг период е во криза соопшти дека штрајкот во шпицот на сезоната на патувања резултира со загуби меѓу десет и 13 милиони долари дневно, во време кога компанијата се обидува да ги намали трошоците и да привлече нови инвеститори за да опстане.

Пилотите вработени во филијалата „САС Скандинавија“, велат дека прифатиле ограничено намалување на платите и нешто понеповолни услови, за од управата на компанијата да посочат дека понудените отстапки не се доволни за успешно спроведување на опсежниот план за спас најавен во февруари годинава.

Синдикатите исто така бараат пилотите отпуштени за време на пандемијата повторно да се вработат во „САС Скандинавија“, наместо да бидат конкуренција на потенцијалните кандидати за работно место во новоотворените подружници „САСЛинк“ и „САС Конект“ со седиште во Ирска.

Авиокомпанијата чии главни сопственици се владите на Шведска и на Данска со акции од по 22 отсто, откажа 201 или 64 отсто од за денеска планираните летови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.