Една од најголемите светски компании за производи за широка потрошувачка, „Нестле“, додава шеќер и мед во млекото и производите од житарки за бебиња што се продаваат во посиромашните земји, спротивно на меѓународните упатства насочени кон спречување на дебелината и хроничните болести, се вели во извештајот на шведската истражувачка организација „Паблик ај“.

Истражувачите испратиле примероци од храна за бебиња на „Нестле“ што се продава во Азија, Африка и Латинска Америка, во белгиска лабораторија за тестирање, пишува „Гардијан“.

Со споредување на резултатите и декларациите на производите на швајцарската мултинационална компанија, било откриено додавање на шеќер во форма на сахароза или мед во примероците на „Nido“, придружна марка на млечна формула наменета за доенчиња од една година и постари, како и во „Cerelac“, житарка наменета за деца на возраст меѓу шест месеци и две години.

„Нестле“ мора да стави крај на овие опасни двојни стандарди и да престане да додава шеќер во сите производи за деца под три години, насекаде во светот“, вели Лорен Габерел, експерт за земјоделство и исхрана на „Паблик ај“.

Кога станува збор за главните европски пазари на „Нестле“, вклучително и Обединетото кралство, нема додаден шеќер во млечните формули за доенчиња. Додека некои житарки наменети за постари деца содржат додаден шеќер, нема додаден шеќер во производите наменети за бебиња меѓу шест месеци и една година.

Насоките на СЗО за европскиот регион велат дека додадениот шеќер или засладувачите не треба да се дозволуваат во храната за деца под три години.

Иако не се развиени специјални насоки за други региони, истражувачите тврдат дека европскиот документ останува подеднакво релевантен за другите делови на светот. Обединетото Кралство препорачува децата под четири години да избегнуваат храна со додаден шеќер поради ризици како зголемување на телесната тежина и расипување на забите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.