Пациентите, главно постари луѓе, лежат на носилки во ходниците или се со маски за кислород додека седат во инвалидски колички бидејќи појавата на Ковид-19 ги намали ресурсите на јавните здравствени установи во главниот град на Кина, Пекинг, јави Асошиејтед Прес.
Болницата Чуијанглиу на истокот на градот денес е преполна со новопристигнати пациенти. До пладне веќе снемало слободни кревети, а Брза помош постојано носи нови заболени пациенти. Лекарите се фокусираат само на најтешките случаи бидејќи не можат да стигнат да ги прегледаат и третираат сите.
Новиот бран на заразени се случи откако Кина ги укина пандемиските мерки кои беа на сила три години и со кои беа забранети патувањата и беа затворени училиштата, што нанесе штети на економијата и предизвика масовни улични протести.
Епидемијата најбрзо се рашири во густо населените градови. Сега, властите се загрижени бидејќи стигнува до помалите градови и руралните области со послаби здравствени системи. Неколку локални власти денес почнаа да бараат од луѓето да не патуваат дома за претстојниот лунарен новогодишен празник, сигнализирајќи постојана загриженост околу новата епидемија.
Во странство, се поголем број влади бараат тестови за Ковид-19 за патниците од Кина, велејќи дека се потребни затоа што кинеската влада не споделува доволно информации за раширеноста на вирусот. Европската унија вчера „силно ги охрабри“ своите земји-членки да наметнат тестирање за Ковид-19 на сите што доаѓаат од Кина.
Италија – која прва настрада во Европа од Ковид-19 кој однесе голем број жртви на почетокот на 2020 година – стана првата членка на ЕУ која побара тестови за патници од Кина минатата недела, а потоа следеа и Франција и Шпанија. Исто така и САД на патниците кои доаѓаат од Кина им бараат негативен ковид тест кој треба да е издаден 48 часа пред тргнување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.