Кремљ има намера да покаже дека нападот на мостот на Крим не бил толку сериозен и дека клучната врска од руското копно до нелегално анектираниот полуостров Крим наскоро ќе функционира нормално, пишува Си-ен-ен во својата анализа.

Физичката штета може да се санира, Русија веднаш испрати голема екипа за итни случаи на местото на настанот, но штетата на угледот на Русија и, што е уште поважно, на имиџот на Владимир Путин, нема така лесно да се санира.

Ова е негов мост, негов проект, изграден со еквивалент на речиси 4 милијарди долари од руската каса. Тоа е симболичниот „венчален прстен“ што ги обединува Мајка Русија и Украина, или барем регионот што сè уште легално ѝ припаѓа на Украина, клучен не само за воените напори на Путин, туку и за неговата опсесија да ја врати Украина под руска контрола.

Обраќањето на Путин до рускиот народ на 21 февруари, дадено непосредно пред да ja нареди инвазијата на Украина, го разоткри неговиот искривен поглед на историјата. Украина, инсистираше тој, всушност не е независна земја: „Украина за нас не е само соседна земја“, рече тој. „Таа е неотуѓив дел од нашата сопствена историја, култура и духовен простор.“

Тој говор, еден од најдиректните за време на неговото претседателствување, јасно покажува дека оваа братоубиствена војна против Украина за него е многу лична. Тој со години е фиксиран на Петар Велики, рускиот цар што го основал Санкт Петербург, градот во кој е роден и израснат Путин, вели авторката на анализата Џил Доерти и додава: Јас еднаш ја посетив канцеларијата на градската администрација во која работел Путин во почетокот на 1990-тите, откако се вратил од својата работа како оперативец на КГБ во Источна Германија. На ѕидот над неговото биро имаше портрет на Петар Велики.

Во јуни оваа година, кога жестоката војна во Украина влезе во четвртиот месец, Путин повторно се спореди себеси со Петар Велики, инсистирајќи дека Петар, кој освоил територии од Шведска, ѝ го „враќа“ на Русија она што всушност ѝ припаѓа.

Путин сега очигледно верува дека враќањето на Украина во Русија е негова историска судбина. Нападот на мостот на Крим тој веројатно не го гледа само како напад на руската татковина, туку и како лична навреда. И најверојатно ќе реагира жестоко.

Веќе еден ден по нападот, руските сили бомбардираат цивилни станбени згради во Украина. Тврдокорните поддржувачи на Путин бараат нови напади врз украинската инфраструктура. Западните лидери предупредуваат дека сè пофрустрираниот Путин може да прибегне кон употреба на тактичко нуклеарно оружје. Воените експерти велат дека тој може да возврати асиметрично, гаѓајќи неочекувани цели.

Со години Путин имаше друга опсесија: казнување на предавниците. Еден месец откако неговите сили ја нападнаа Украина, тој се закани со одмазда на сите Руси што се противат на војната, нарекувајќи ги „петтоколонаши и национални предавници“ поробени од Западот.

Оваа недела, ден по нападот на мостот, тој го нарече „терористички напад“ чии „автори, извршители и налогодавци се тајната служба на Украина…“ и „граѓани на Русија од странски земји“.

Едно е јасно: додека борбите се приближуваат кон Русија, Владимир Путин гледа дека неговата „историска мисија“ е во опасност. А тоа значи дека емоциите би можеле да го надвладеат разумот. За Украина, за Русите што се против војната, и за светот, ова е опасен момент, заклучува Си-ен-ен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.