Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека сака да остане во контакт со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај тоа што Москва не се откажува од војната со Украина.

Не сакам да се откажам од можноста да разговарам со претседателот Путин“, изјави Шредер за неделното издание на весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, а по заминувањето од функцијата се поврза со руските енергетски гиганти Газпром и Роснефт. Тој и Путин се пријатели долги години.

Откако избувна војната, Шредер често беше мета на критики бидејќи сè уште е во контакт со Путин и не ја осуди улогата на Русија во конфликтот.

Тој неодамна се повлече од функцијата во надзорниот одбор на руската енергетска компанија Роснефт и ја отфрли кандидатурата да биде во одборот на директори на Газпром.

Коментирајќи ја дебатата во германската јавност поврзана со испораката на оружје во Украина, Шредер рече: „Зошто да се фокусираме на испораката на оружје?“. Тој додаде дека не верува во воено решение.

Војната може да заврши само преку дипломатски преговори. Судбината на војниците и цивилното население на Украина може да се олесни само преку дипломатско решение – рече поранешниот германски канцелар.

Во март, веднаш по почетокот на воената операција на 24 февруари, Шредер отпатува за Москва и се сретна со Путин.

Колку што разбрав во текот на нашиот разговор, тој е заинтересиран проблемот да се реши преку преговори – изјави Шредер за германскиот весник.

Како ќе изгледа тоа решение може да се разјасни само преку преговори, додаде тој.

Според мислењето на Шредер јасно е дека Украина е виновна за тоа што претходните преговори пропаднаа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.