Шпанија најави дека ќе издвои уште 10 милијарди евра за новите мерки за помош на граѓаните во период на висока инфлација и зголемени животни трошоци, со што вкупната вредност на овогодинешните пакети за поддршка ќе се зголеми на 45 милијарди евра.
Пакетот за помош вклучува еднократен ваучер од 200 евра за околу 4,2 милиони домаќинства со годишен приход до 27 илјади евра и продолжување на намалените даноци на сметките за енергија до првата половина на следната година, изјави премиерот Педро Санчез.
Мадрид веќе усвои слични пакети во март и јуни, кои вклучуваат директна помош за граѓаните, даночни намалувања, поволни заеми и контрола на киријата.
Мерките, заедно со ограничувањето на цените на бензинот за производство на електрична енергија, одобрени од Европската комисија, резултираа со пад на стапката на инфлација на 6,7 отсто во ноември, што е најниско ниво меѓу земјите на ЕУ.
Струјата во ноември поевтини за цели 22,4 отсто во однос на лани, додека пак прехранбените производи поскапеа, за 15 отсто.
Владата затоа најави дека ќе го намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за основните прехранбени производи како леб, сирење, млеко, овошје, зеленчук и житарки од четири на нула проценти. ДДВ за тестенините и маслата за јадење ќе се преполови на пет отсто, рече Санчез.
Премиерот најави и дека за 12 месеци ќе ги продолжи субвенциите за патување со воз до работа и училиште, како и лимитот за кирија. Сепак, ќе ги укинат попустите на бензините, со исклучок на секторот за товарен транспорт.
Благодарение на мерките за помош, Шпанија годинава ќе забележи силен економски раст, со стапка повисока од пет проценти, нагласи Санчез. Владата досега прогнозираше дека активноста ќе порасне за 4,4 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.