Шефовите на дипломатиите на НАТО вчера ја прославија 75-годишнината на Алијансата со предупредување дека заканата од Русија е голема како и секогаш и со загриженост поради застојот кај американската помош за Украина.
Најголемите битки на НАТО допрва претстојат и ние мора да бидеме подготвени за нив“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис за новинарите во седиштето на НАТО во Брисел.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба повика 32-те земји-членки на НАТО да ѝ обезбедат на неговата земја нови дополнителни системи за воздушна одбрана, особено американските ракети „патриот“.
„Не ми беше намера да ја расипам роденденската забава, но морав да пренесам отрезнувачка порака од името на Украинците за состојбата со руските воздушни напади врз мојата земја“, рече Кулеба на прес-конференцијата.
Тој рече дека министрите на НАТО се согласиле да ги идентификуваат и пронајдат системите за противвоздушна одбрана во нивните арсенали за да ги испратат во Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека на Соединетите Држави, каде што пакетот помош за Украина вреден околу 60 милијарди долари е блокиран во Конгресот, им се потребни нејзините сојузници повеќе од кога било во третата година од конфликтот во Украина.
„На Европа ѝ е потребна Северна Америка за нејзината безбедност. Во исто време, на Северна Америка ѝ е потребна Европа. Европските сојузници имаат војска од светска класа, огромни разузнавачки мрежи и уникатно дипломатско влијание, што ја зголемува американската моќ“, рече тој на церемонијата.
Столтенберг рече дека НАТО „не е и нема да биде страна“ во украинскиот конфликт.
„Немаме планови да испратиме војници на НАТО во Украина, немаше такви барања“, додаде тој.
Европските лидери се загрижени за иднината на алијансата доколку Доналд Трамп го победи актуелниот претседател Џо Бајден на ноемвриските избори во САД.
Ројтерс објави дека министрите на НАТО почнале да прават планови да се заштитат од какво било намалување на американската поддршка доколку Трамп се врати во Белата куќа.
Столтенберг, исто така, предложи формирање фонд од 100 милијарди евра за поддршка на војската на Украина во текот на пет години, што наиде на различни реакции во Алијансата, која ги носи одлуките со консензус. Унгарија го најави своето противење, а другите земји-членки предупредија на дуплирање на билатералните напори и напорите на ЕУ за помош на Украина.
Украина вчера ја поддржа идејата, но најави дека нема шанси без задолжителните придонеси.
Шефот на дипломатијата Кулеба рече дека НАТО имал потешкотии да собере многу помали суми.
„Со други зборови, според сегашниот модел на финансирање, таа иницијатива има нула шанса. Затоа што не можат да соберат ни 500 милиони, а овде треба да соберат 20 милијарди“, рече Кулеба.
Меѓутоа, доколку сите членки на блокот беа обврзани да придонесат, додаде тој, планот би можел „да постои и да има шанса да се спроведе“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека итно е потребна дополнителна помош за Украина и додаде дека пораката од сојузниците во Брисел е јасна – гласањето на американскиот Конгрес за помош за Украина не може да се случи доволно брзо.
Тој пред новинарите во Брисел изјави дека поддршката за Украина е особено важна бидејќи Кина, Северна Кореја и Иран ѝ помагаат на Русија да изгради воено-индустриска база.
Кремљ вчера објави дека Русија и НАТО сега се „директно спротивставени“ околу проширувањето на алијансата.
Две нови членки, Финска и Шведска, се приклучија како директен одговор на инвазијата на Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.