Северна Кореја тестирала „мотор на цврсто гориво со голем потисок“ за развој на ново стратегиско оружје предводена од лидерот Ким Џонг Ун, јавија утринава севернокорејските државни медиуми, а пренесува Ројтерс.

Тестот бил спроведен вчера на полигонот за лансирање сателити Сохае и ја докажал сигурноста и стабилноста на моторот, пружајќи „гаранција за развој на уште еден нов тип стратегиски оружен систем“, објави агенцијата КЦНА.

Се додава дека севернокорејскиот лидер изразил „очекување дека уште едно стратегиско оружје од нов тип ќе биде развиено во најкраток временски период“.

Тестирањето се случува во време кога шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси во разговор со јужнокорејските функционери во Сеул вети сеопфатни напори да се сопре севернокорејската нуклеарна програма.

Северна Кореја годинава изврши досега невиден број тестирања на проектили, вклучувајќи интерконтинентална балистичка ракета која може да стигне до американското копно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.