Северна Кореја рано утринава истрела две балистички ракети со краток дострел во Источното Море, како одговор на американското распоредување на нуклеарно вооружена подморница во Јужна Кореја за прв пат по децении.
Началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја соопшти дека во периодот од 3:30 до 3:46 часот утринава Северна Кореја истрелала две балистички ракети со краток дострел од област во близина на главниот град Пјонгјанг.
Тие прелетале околу 550 километри пред да паднат во водите источно од Корејскиот полуостров.
Слична проценка за ракетите направи и јапонската војска, која додаде дека ракетите паднале надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија и дека нема извештаи за оштетување на бродови или авиони во таа област.
Должината на летот на севернокорејските ракети одговара на растојанието помеѓу Пјонгјанг и јужнокорејскиот град Бусан, каде вчера попладне пристигна американската подморница УСС Кентаки, во првата посета на американска подморница со нуклеарно оружје на Јужна Кореја од 1980-тите.
Лансирањето ја означува првата балистичка активност на Северна Кореја од 12 јули кога тестираше нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво што покажа дека потенцијално може да достигне длабоко во копното на САД.
Лансирањето беше надгледувано од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој вети дека дополнително ќе ги зајакне нуклеарните капацитети на неговата земја во услови на проширување на американско-јужнокорејските воени активности.
Тензиите се зголемија во регионот во последните месеци, бидејќи се интензивираа тестирањата на севернокорејското оружје и американско-јужнокорејските воени вежби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.