Војската на Северна Кореја изведе нуклеарни воени вежби симулирајќи нуклеарен контранапад на САД и Јужна Кореја.
Вежбите ги надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, како и неговата ќерка, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата соопшти дека вежбите вклучувале лансирање на ракети со краток дострел, но дека е невообичаено што еден од проектилите бил истрелан од затрупан силос, што може да помогне да се зголеми брзината и стабилноста во идните интерконтинентални балистички ракети (ICBM). Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА објави дека вежбите биле дизајнирани да ја зајакнат „воената способност за одвраќање и нуклеарниот контранапад“, тврдејќи дека Вашингтон и Сеул прават „експлицитен обид да започнат војна“ против Северна Кореја.
„Вежбата имаше за цел да ја покаже нашата цврста волја да дадеме вистински воен одговор и да испратиме предупредување до непријателот кој ги проширува своите агресивни воени вежби“, објави КЦНА.
Агенцијата додава дека за време на вежбите балистичка ракета опремена со лажна нуклеарна боева глава прелетала 800 километри пред да ја погоди целта според сценарио на тактички нуклеарен напад.
Севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун рече дека вежбите ги подобриле воените способности на војската на земјата и ја повика војската да биде подготвена за каков било „непосреден и огромен нуклеарен контранапад во секое време“.
„Сегашната ситуација, во која непријателите стануваат сè поизразени во нивните потези за агресија против Демократска Народна Република Кореја, итно бара од нас експоненцијално да го зголемиме одвраќањето од нуклеарна војна“, рече тој.
Претходно овој месец, Јужна Кореја и САД спроведоа заеднички воздушни и поморски воени вежби, во кои беа вклучени американски бомбардери Б-1, а минатиот месец одржаа вежби со симулација на нуклеарен напад од Северна Кореја.
KCNA објави дека повеќе од 1,4 милиони севернокорејски граѓани доброволно се пријавиле да се приклучат на војската или повторно да се пријават во случај да биде потребно за борба против Сеул и Вашингтон, откако претходно пријавиле 800.000 доброволци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.