Панцери, еден од четворица осомничени, се сложил да открие клучни информации за перењето пари од Катар и Мароко во Европскиот парламент, а за замена ќе добие само една година затвор, конфискација на имот и парична казна од милион евра. Партнерот на Ева Каили, Франческо Џорџи, исто така признал вина.
Скандалот „Катаргејт“ кој ја погоди Европската унија се движи кон разрешница. Сведокот Пјер Антонио Панцери се согласил со обвинителите да „открие сè“ за случајот со милионски суми извезувани во Унијата од странаа на Катар. Во аферата е вмешана и Гркинката Ева Каили, разрешената претседателка на Европскиот парламент(ЕП), пишува Би-Би-Си.
Панцери е поранешен пратеник во ЕП и еден од четворицата осомничени кои се притворени во Белгија. Тие се осомничени за примање мито од Катар и Мароко во замена за влијание врз Парламентот во Брисел. Полицијата заплени 1,5 милиони евра во серија на рации во станови, куќи и хотели.
Сликите на банкнотите од 200, 50, 20 и 10 евра беа објавени од страна на полицијата, вклучително и куфер пронајден во хотелот кој беше полн со готовина.
Откако Панцери (67) го напушти Парламентот, тој станал шеф на лоби група наречена „Борба против неказнивоста“. Бидејќи се согласил да ја признае вината и да обебеди информации тој сега се соочува со една година затвор, наместо со „многу потешка затворска казна“, како и парична казна и конфискација на имот од 1 милион евра.
Од него ќе се бара да даде детали за тоа како функционирала мрежата, какви биле финансиските аранжмани со засегнатите земји и „вклученоста на познати и непознати лица во истрагата, вклучувајќи го и идентитетот на лицата кои тој признава дека ги поткупил“.
Другите двајца осомничени во случајот се партнерот на Ева Каили, Франческо Џорџи и лобистот Николо Фига-Таламанка.
Франческо Џорџи минатиот месец ја признал својата улога во аферата. Обвинителите веќе побараа одземање на имунитетот на уште двајца европратеници од левиот центар, Белгиецот Марк Тарабела и Италијанецот Андреа Коцолино.
Адвокатите на двајцата европратеници негираа дека имале некаква улога во скандалот, но барањето се разгледува од Комисијата за правни прашања на Парламентот.
Катар категорично негираше дека се обидел да стекне влијание преку подароци и пари, додека Мароко исто така силно ги отфрли наводите дека барал влијание врз прашања како што се правата за риболов и спорниот статус на Западна Сахара.
Обвинителите рекоа дека сведокот Панцери се согласил со договорот за признавање вина според законот за информатори користен само еднаш претходно во Белгија.
Неговиот адвокат, Марк Ујтендаеле, рече дека тој признал кривична одговорност, додавајќи:
– Важно е да се знае дека ова е човек кој е уништен и не му останува уште многу живот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.