Министерството за одбрана на Ерменија објави дека азербејџанските војници отвориле оган врз борбените позиции на ерменската армија на југоисточниот дел на границата на земјата.

Во соопштението на ерменското министерство се наведува дека во таа прилика тешко е ранет еден војник, кој по некое време починал во болница.

Официјален Баку ги отфрли обвинувањата на Ерменија за прекршување на примирјето на границата меѓу двете земји и го обвини Ереван за поткопување на напорите за нормализирање на односите со Баку.

Силно ја отфрламе изјавата на Министерството за надворешни работи на Ерменија, во која се наведува дека азербејџанската страна го прекршила примирјето – соопштија од Министерството за надворешни работи на Азербејџан.

Во соопштението се оценува дека „клеветничките, деструктивни изјави на ерменската страна се насочени кон поткопување на чекорите кон нормализација на односите и санирање на штетите во процесот на разграничување“.

Азербејџан од своја страна ќе продолжи со меѓународно поддржани напори за градење мир во постконфликтниот период и одлучно ќе ги потисне сите чекори насочени против овој процес – се нагласува во соопштението на азербејџанското Министерство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.