Руското Министерство за финансии најави дека во иднина надворешниот јавен долг ќе го враќа во рубли, бидејќи американското Министерство за финансии одби да ја продолжи лиценцата за плаќање во долари.

Бидејќи нашата лиценца не е продолжена, што ни овозможува да продолжиме да ги отплаќаме нашите странски долгови во долари, во иднина ќе вршиме плаќања во рубли, кои може да се претворат во валута обезбедена од Националната агенција за порамнување депозити, се вели во соопштението.

Се истакнува дека одбивањето да се продолжи лиценцата ги крши правата на странските инвеститори и ја поткопува довербата во западната финансиска инфраструктура.

„Имаме пари и сакаме да си ги платиме обврските, а одлуката на непријателска земја вештачки да ја создаде оваа состојба нема да влијае на квалитетот на животот на нашите граѓани, изјави министерот за финансии Антон Силуанов.

Соединетите Американски Држави во средата го затворија последниот финансиски канал преку кој Русија отплаќа долгови од милијарди долари кон меѓународните инвеститори. Целта на овие санкции е Русија да се доведе во позиција да не ги плаќа достасаните обврски и долгови за прв пат по Октомвриската револуција, пренесе АП.

Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека нема план за обновување на лиценцата, што ќе ѝ овозможи на Русија да продолжи да ги плаќа долговите преку американските банки.

Русија нема да може да ги отплати своите меѓународни инвеститори без дозвола да ги користи услугите на американските банки за плаќање на своите долгови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.