Русија започна со вежби на нуклеарни сили, вклучително и вежбање на лансирање на нуклеарни балистички и крстосувачки ракети.
Во видео повик, рускиот претседател Владимир Путин им кажа на воените офицери дека за време на вежбата ќе се симулира и дејствувањето на највисоките функционери во случај на употреба на нуклеарно оружје.
Путин, кој постојано се закануваше со нуклеарно оружје во обид да го одврати Западот да ја зајакне поддршката за Украина, денеска нагласи дека рускиот нуклеарен арсенал е „сигурен гарант за суверенитетот и безбедноста на земјата“, пренесуваат медиумите во регионот.
„Имајќи ги предвид растечките геополитички тензии и новите закани и ризици, за нас е важно да имаме модерни стратешки сили кои се секогаш подготвени за борба“, рече претседателот и потврди дека Русија ја гледа употребата на нуклеарно оружје како „крајна, екстремна мерка за обезбедување безбедност“.
Тој истакна дека Москва ќе продолжи да ги модернизира своите нуклеарни сили.
Минатиот месец тој предупреди дека дозволувањето на Украина да користи оружје со долг дострел доставено од Запад за напади длабоко во руската територија ќе го доведе НАТО во војна со Русија.
Оваа година руската армија веќе одржа заедничка вежба на нуклеарни сили со Белорусија, на чија територија се наоѓа дел од руското тактичко нуклеарно оружје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.