„Русија се подготвува за долготрајна војна, а отпорот на нејзината агресија е клучниот предизвик на генерацијата“, рече финскиот премиер Петери Орпо во Европскиот парламент.

Премиерот на Финска, земја што дели повеќе од 1.300 километри граница со Русија, на пленарната седница во Стразбур рече дека руската агресија врз Украина е силен потсетник за кревкоста на мирот во Европа, дека ги загрозува самите темели на Европската Унија и е клучен предизвик за оваа генерација на европско лидерство.

„Русија очигледно се подготвува за долг конфликт со Западот“, рече Орпо, премиер на финската влада, која се смета за најдесничарска од крајот на Втората светска војна.

„Меѓутоа, Русија не е непобедлива“, додаде поранешниот министер за внатрешни работи, земјоделство и финансии.

Во април Финска стана 31. членка на НАТО, а Орпо нагласи дека оваа одлука не е донесена лесно и е јасен сигнал за посветеноста на Хелсинки за безбедноста на континентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.