Иако односите се заладија во последниве години, САД и Русија продолжуваат да соработуваат во вселената. Американската вселенска агенција НАСА и рускиот „Роскосмос“ ќе продолжат со заедничките напори за испраќање екипажи на Меѓународната вселенска станица (ИСС). Официјалната потврда дојде од руската агенција, а беше наведено дека партнерството ќе продолжи до крајот на 2025 година.
Оваа соработка вклучува составување екипаж од астронаути од различни земји и нивно испраќање во вселената со исто летало. „Роскосмос“ сака секогаш да има барем еден претставник во рускиот дел на меѓународната вселенска станица и барем еден претставник на НАСА во американскиот дел. Агенцијата додава дека одлуката е донесена со цел да се одржи доверливоста на ИСС во целина.
Меѓународната вселенска станица е лансирана во 1998 година и е симбол на американско-руската соработка по Студената војна и крајот на „вселенската трка“.
Оваа вест доаѓа откако НАСА во април годинава објави дека Русија ќе остане на ИСС до 2028 година. Генералниот директор на „Роскосмос“, Јуриј Борисов, претходно изјави дека Русија ќе се повлече од ИСС по 2024 година и ќе се фокусира на создавање сопствена вселенска станица.
НАСА се подготвува за заминување на Русија на различни начини, од повлекување на астронаутите од Меѓународната вселенска станица до изнаоѓање начини за контрола на ИСС откако Русија ќе ги отстрани погоните. Целта на НАСА е да ја задржи ИСС во функција најмалку до 2030 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.