Поранешниот шеф на Роскосмос, Дмитриј Рогозин, преку францускиот амбасадор во Руската Федерација му ги испратил шрапнелите извадени од неговото тело на францускиот претседател Емануел Макрон велејќи дека бил ранет од француските хаубици „цезар„ и дека Франција ќе одговара за тоа, пишува „Украинска правда“.

„Неодамна, како резултат на кукавички терористички чин во Донецк, бев тешко повреден. Само благодарение на големата вештина и трпеливост на руските воени и цивилни лекари повторно сум жив и речиси здрав. Во овој плик, заедно со мојата порака, гледате фрагмент од граната испукана од француска артилериска инсталација ‘цезар’ од 155 мм. Бев погоден во десното рамо и дел ми се заглави во петтиот вратен пршлен. Да беше само милиметар подалеку, можев да бидам мртов или неподвижен инвалид. Таа француска граната уби двајца мои млади пријатели оставајќи ги нивните сопруги вдовици, а нивните деца сирачиња. Тие беа убиени од оружје што вашата земја ѝ го достави на Украина“,

пишува во пораката на Рогозин до Макрон.

Рогозин посочил дека стотици луѓе биле убиени во Донбас од француско оружје и француски платеници, но не спомнал колку луѓе биле убиени од руската армија која окупирала странска територија.

Поранешниот шеф на „Роскосмос“ му напиша на амбасадорот дека официјален Париз го изневерил големиот Де Гол и станал една од најкрвавите земји во Европа, дека Франција се потчинила на диктатот на Вашингтон и станала марионетска држава.

„Господине амбасадоре, што прави Франција, што правите вие ​​во конфликтот што западните политичари го запалија меѓу словенските народи? Се надевам дека го разбирате степенот на вашата лична одговорност за овие убиства!?“, пишува Рогозин во писмото до Макрон.

Никој нема да избега од одговорноста за воените злосторства извршени од Франција, САД, Велика Британија, Германија и другите земји на НАТО во Донбас. Сите наши жртви се на вашата совест, како што е и на вашата совест изгледот на фашистичка Украина на картата на Европа, додава Рогозин, кој сега е шеф на групата воени советници „Царски волци“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.