Во пресрет на официјалната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Минск, најавена за денеска, во рамките на која тој треба да се сретне со својот белоруски колега Александар Лукашенко, расте загриженоста и шпекулациите од можен притисок на шефот на Руската Федерација врз Белорусија за нејзино вклучување во борбите во Украина, јавуваат агенциите.

Како што соопшти кабинетот на Лукашенко двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а состаноци ќе одржат и министри на двете земји.

Путин, според аналитичари и воени претставници, на средбата може ќе се обиде да го убеди Лукашенко да распореди белоруски војници заедно со руските сили во нова офанзива врз Украина.

Според други експерти, пак, можеби станува збор за обид на рускиот лидер да го одвлече вниманието на военото раководство на Украина и да ги повлече нејзините сили од жестоките борби на исток кон границата со Белорусија на север.

Украинскиот генерал-полковник Сергеј Најев на вчера изјави дека двајцата лидери најверојатно ќе разговараат за „поширока вклученост“ на белоруската војска во војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина „се подготвува за сите можни“ опции, вклучително и напад од белоруска територија.

„Заштитата на нашите граници, и со Русија и со Белорусија, е наш постојан приоритет“,

рече Зеленски во своето видео обраќање синоќа.

Русија во моментов обучува илјадници свои војници во Белорусија. Експертите велат дека е можно Москва овие војници да ги подготвува за голема офанзива врз Украина на почетокот на следната година.

Во меѓувреме, новинската агенција Интерфакс ја цитираше изјавата на руското Министерство за одбрана со денешен датум дека Русија и Белорусија ќе спроведат заеднички вежби, но без да се наведуваат детали.

„Конечната оценка за борбената способност и борбената готовност на единиците ќе биде дадена по извршување на баталјонските тактички вежби“,

се вели во соопштението на Министерството.

Според набљудувачката група која го следи движењето на руската војска, Москва на во петокот на 16 декември префрлила најмалку 50 воени камиони во Белорусија.

Инаку, Русија се соочува со недостаток на војници по десетмесечен жесток отпор од страна на  Украина.

Американскиот генерал Марк Мили минатиот месец изјави дека „повеќе од“ 100 000 руски војници биле убиени или ранети во војната, а Русија продолжува да трпи големи загуби во Донбас.

Во септември, Путин беше принуден да донесе непопуларна одлука, односно да побара делумна мобилизација на 300 000 резервисти во услови на успешна контраофанзива на украинските сили. Иако Путин подоцна тврдеше дека нема да има потреба од дополнителна мобилизација, аналитичарите веруваат дека Русија сè уште се соочува со недостиг на војници на фронтовите во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.