Делегатите на климатската конференција на ОН COP27 во Египет се согласија да разговараат за тоа дали богатите земји треба да ги компензираат сиромашните земји кои се најранливи на климатските промени, а со оглед на тоа дека најголемиот дел од стакленичките гасови ги произведуваат индустриски поразвиените земји.
Ова создава, по првпат, институционално стабилен простор на официјалната агенда на COP и Парискиот договор за да се разговара за итното прашање за механизмите за финансирање потребни за решавање на постоечките празнини во одговорите на загубите и штетите, истакна претседавачот со COP27, Самех Шукри на отворањето на пленарната сесија.
Точката беше прифатена на дневниот ред на денешниот состанок во Шарм Ел Шеик во Египет, каде што светските лидери пристигнаа на преговорите кои треба да траат до 18 ноември.
Голем дел од тензиите на COP27 се очекува да бидат поврзани со средствата за загуба и штета обезбедени од богатите земји за ранливите земји со пониски приходи кои сносат мала одговорност за емисиите што ја затоплуваат климата.
На COP минатата година во Глазгов, земјите со високи приходи го блокираа предлогот за создавање тело за финансирање на загуби и штети, и наместо тоа поддржаа нов тригодишен дијалог за да се разговара за финансирањето.
– Дискусиите за загубите и штетите, кои се сега на агендата на COP27, нема да вклучуваат дискусии за одговорност или задолжителен надомест, но се очекува да доведат до конечна одлука „не подоцна од 2024 година“, рече Шукри.
– Вклучувањето на оваа точка на дневниот ред го одразува чувството на солидарност со жртвите од климатските катастрофи, додаде тој.
„Загубите и штетите“ – исто така наречени „климатски репарации“ се очекува да бидат во главниот фокус оваа година. Клучно барање на земјите во развој е создавање механизам кој обезбедува финансирање за управување со загубите и штетите предизвикани од екстремните временски услови.
Развиените земји се спротивставија на ова прашање, кое никогаш не беше дел од официјалната агенда на разговорите на ОН, плашејќи се дека може да предизвика судски спорови и барања за компензација во големи размери.
Алијансата на мали островски држави (AOSIS) ќе претстави предлог за „фонд за одговор“ кој ќе им помогне на климатските жртви да закрепнат од загубата и штетата предизвикана од климатските шокови.
Ова спорно прашање би можело да „ги испоти“ учесниците на COP27, во време кога земјите кои обезбедуваат помош се соочуваат со зголемените цени на енергијата и ги пренасочуваат своите буџети кон хуманитарната криза во Украина.
Операционализацијата, финансирањето и управувањето со Мрежата за загуби и штети во Сантијаго – основана на COP25 за поврзување на ранливите земји во развој со давателите на техничка помош, знаење и ресурси – исто така ќе биде приоритет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.