Хакери кои го поддржуваа бранот протести против иранските власти го прекинаа преносот во живо на иранската телевизија, емитувајќи слика на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи во пламен, со мета на челото.

„Крвта на младите е на вашите раце”, гласеше пораката што накратко се појави на телевизискиот пренос синоќа, додека протестите продолжија во Техеран и другите градови предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини во притвор.

Во други интервнции, активистите на билборди во Техеран напишаа „Смрт за Хамнеи” и „Полицијата е убиец на народот”.

„Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата од неколку локации во Техеран”, објави државната агенција ИРНА, додавајќи дека демонстрантите „извикувале пароли и палеле и уништиле јавен имот, вклучително и полициска кабина”.

Протестите се шират низ Иран по смртта на Амини на 16 септември, три дена откако таа беше уапсена на улиците на главниот град поради наводно прекршување на кодексот на облекување. Првите демонстрации започнаа еден ден по смртта на девојката во нејзиниот роден град Сакезу, а потоа се проширија низ целата земја и станаа најголемиот предизвик за конзервативната влада во изминатите неколку години.

„Придружете ни се и станете”, гласеше во вториот чин на хакирање, зад кој стои групата Едалат-е Али (Правда на Али).

Групата објави и фотографии од Амини и три други жени кои загинаа во задушувањето на протестот.

Организацијата за човекови права Иран за човекови права тврди дека во протестите досега загинале најмалку 95 лица.

Уште 90 луѓе беа убиени во југоисточниот дел на земјата, во протестите на 30 септември предизвикани од силувањето на тинејџерка во провинцијата Систан-Балуџистан. Меѓу вкупно 185 убиени има најмалку 19 деца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.