Претседателот на Полска Анджеј Дуда денеска по повод 19-годишнината од влезот на Полска во Европската унија изјави дека еден од четирите приоритети за Полска е проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и Украина.

„Ние сме поборници за политика на отворени врати. Затоа ги гледам земјите од Западен Балкан. Сакам да истакнам дека тоа се земји, тоа се народи, тоа се општества кои со години чекаат да станат дел од Европската заедница.Тоа конечно треба да се постигне“, рече полскиот претседател во Варшава во специјалното обраќање до медиумите по повод годишнината.

Во заедничкото обраќање со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, Дуда рече дека Полска многу добро знае како е да чекаш години за да влезеш во слободниот западен свет.

Затоа верувам дека не другите, туку ние, Полска, мора да зборуваме силно и гласно: тие треба да бидат примени во Европската унија, земјите од Западен Балкан да бидат примени. И денес, историското барање, апсолутното барање на моментот е прием на Украина во ЕУ и Молдавија, рече Дуда.

Полскиот претседател изјави дека земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија ќе добијат полноправно членство, како второ од четирите главни приоритети на шестмесечното полско претседавање со ЕУ од почетокот на 2025 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.