Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска вети дека „ќе ги поддржи сите напори за враќање на мирот во Украина“, се вели во заедничката изјава по завршувањето на посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Кина.

Кина и Франција „се спротивставуваат на вооружените напади врз нуклеарни централи и други нуклеарни постројки“ и ја поддржуваат Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) „да ја осигура безбедноста на електраната во Запорожје“.

Во заедничката изјава не се споменува Русија, ниту се осудува нејзината офанзива во Украина.

Во текстот се споменува „важноста сите страни во конфликтот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право“.

Елисејската палата претходно објави дека Си е подготвен да му се јави на својот украински колега Володимир Зеленски за првпат од почетокот на конфликтот, но додаде дека кинескиот претседател ќе го стори тоа кога ќе оцени дека моментот е погоден за тој телефонски разговор.

Таа иницијатива не се споменува во заедничкото соопштение.

Во февруари, Кина објави документ од 12 точки во кој е наведена нејзината позиција за конфликтот во Украина. Документот, за кој некои веруваат дека може да послужи како мировен план, ги охрабрува Москва и Киев да водат разговори.

Во септември, Пекинг не ја призна унилатералната анексија на четири украински територии кон Русија, ниту пак анексијата на Крим во 2014 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.