Детските дуксери достапни на глобално популарната онлајн платформа за купување Тему се повлечени од пазарот поради сериозни безбедносни ризици. Имено, откриено е дека дуксерите лесно можат да се запалат во близина на извор на топлина или пламен, што може да доведе до сериозни повреди.

Според соопштението на австралиската управа за безбедност на производи, овие дуксери биле продадени во периодот од октомври минатата година до март оваа година, а најмалку едно дете се здобило со сериозни повреди како резултат на пожарот. Производот беше достапен и надвор од Австралија, па предупредувањето важи за клиентите ширум светот, пишува Daily Mail.

Тему ги повика сите што ги купиле овие дуксери веднаш да престанат да ги користат, да ги чуваат подалеку од дофат на деца и правилно да ги фрлаат или да ги уништат. Компанијата нагласи дека на клиентите ќе им бидат вратени парите за секој купен артикл, истакнувајќи дека тоа се предмети продадени од партнерот Sunshine Towels.

Производот дојде во три различни дизајни: Purple Rainbow Unicorn, Blue Dinosaur и Space Planet.

За оваа одлука клучна била трагичната случка на девојка од Австралија, која се здобила со изгореници на 13 отсто од телото откако и се запалил дуксерот. Детето итно било префрлено во болница, каде му била извршена неделна терапија и неколку операции.

Отсуството на задолжителни предупредувачки етикети на производот дополнително го зголеми ризикот, што доведе до итна реакција од страна на регулаторните тела и самата компанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.