Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш најави дека Варшава ќе го блокира пристапот на Украина во Европската Унија, се додека Киев не го разреши прашањето за ексхумацијата на жртвите од масакрите во реонот на северозападниот украински град Волињ, извршени во текот на Втората светска војна.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, изјавата на полскиот министер уследи откако во средата Украинскиот институт за национално сеќавање соопшти дека следната година ќе почне теренско истражување на местата на масакрите во Волињ, извршени од страна на украинските националисти.

– Нема да има согласност Украина да се приклучи на Европската Унија, ако не го реши проблемот со Волињ, изјави Косињак-Камиш, при тоа поздравувајќи ја одлуката на Украинскиот институт.

Тој додаде дека дури и ако другите земји членки на ЕУ се согласат за пристапување на Украина во блокот, неговата конзервативна аграрна Полска народна партија (ПСЛ) ќе ја блокира одлуката за членство, доколку прашањето околу Волињ „остане нерешено“.

Косињак-Камиш на ова одговори дека не се согласува со ваквиот став, нагласувајќи дека од суштинско знаење за членството на една земја во ЕУ е „да се соочи со минатото и да ги почитува членките на блокот кон која сака да се приклучи“.

– Ние бевме први што им испративме воена помош, но украинската страна изгледа дека заборави на оваа помош, рече Косињак-Камиш.

Коментирајќи ги оценките дека условувањето на членството на Украина во ЕУ може да резултира со поттикнување антиукраински чувства во полското општество, Косињак-Камиш изјави дека „најчесното нешто што треба да се направи е да се постават јасни услови и транспарентно да се кажат очекувањата“.

Според проценките на полската Влада во масакрите кај Волињ, извршени помеѓу 1943 и 1945 година, биле убиени околу 100.000 Полјаци и 5.000 Украинци. Масовните убиства ги извршиле припадници на националистичката герилска Украинска бунтовничка армија (УПА), чија цел била создавање на независна Украина и „протерување на нацистичките и советските окупатори“, но и на Полјаците, од „историската украинска територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.