Полска денеска соопшти дека открила истекување во еден од нафтоводите Дружба што носи нафта од Русија во Европа и рече дека тоа најверојатно е предизвикано од несреќа, иако настанот предизвикува загриженост за безбедноста на енергетските резерви на Европа.

Откривањето на истекувањето на главната рута што носи нафта до Германија, за која операторот ПЕРН рече дека го пронашол во вторникот вечерта, доаѓа во време кога Европа се соочува со тешка енергетска криза како последица на инвазијата на Москва на Украина, која ги прекина испораките на гас.

„Тука можеме да зборуваме за случајна штета“, изјави за Ројтерс по телефон највисокиот полски функционер задолжен за енергетската инфраструктура Матеуш Бергер. Тој рече дека нема основа да се верува дека истекувањето било предизвикано од саботажа.

ПЕРН рече дека во овој момент се непознати причините за истекувањето, кое било откриено во дел од цевката на околу 70 километри од централниот полски град Плоцк.

Нафтоводот Дружба е еден од најголемите во светот, кој со руска нафта снабдува поголем дел од централна Европа, вклучувајќи ги Германија, Полска, Белорусија, Унгарија, Словачка, Чешка и Австрија.

Втората линија од гасоводот и другите елементи од инфраструктурата на ПЕРН работат нормално, рече ПЕРН.

„Во овој момент, сите служби на ПЕРН (технички, оперативни, домашна противпожарна бригада и заштита на животната средина) преземаат активности во согласност со алгоритмите предвидени за овој тип на ситуации“, рече операторот.

Портпаролот на чешкиот оператор на нафтоводот МЕРО рече дека не забележале никакви промени во протокот кон Чешката Република.

Германската рафинерија Швед, која испорачува 90 отсто од горивото во Берлин, нејзиното Министерство за економија и регулаторот на федералната мрежа не биле веднаш достапни за коментар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.