Во Узбекистан денеска почна судење за смртта на 65 деца, кои починаа минатата година од контаминиран сируп против кашлица.

Со почетокот на судскиот процес јавноста дозна за значително поголем број на смртни случаи од претходно пријавените. Централноазиската земја претходно соопшти за 20 смртни случаи поврзани со лековите, кои се произведени од индиската фармацевтска компанија Марион Биотек.

Меѓу 21 обвинет, сите државјани на Узбекистан, има и поранешни високи функционери кои биле задолжени за лиценцирање увозни лекови и управители на приватна компанија која ги увезувала и дистрибуирала, се вели во соопштението на Врховниот суд на Узбекистан.

Обвиненијата против нив вклучуваат даночно затајување, продажба на супстандардни или фалсификувани лекови, злоупотреба на службената положба, фалсификување и поткуп.

Индискиот регулатор ја одзеде лиценцата за производство на Марион Биотек, која ги извезуваше сирупите во Узбекистан и уапси некои од нејзините вработени. Правните застапници на Марион Биотек во декември изјавија дека компанијата жали за смртта на децата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.