Во Берлин денеска почна средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на Европската унија во рамките на Берлинскиот процес.
На самитот дојдоа премиерот на Македонија Христијан Мицкоски, на Србија Милош Вучевиќ, на Црна Гора Милојко Спајиќ, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти, на Унгарија Виктор Орбан, претседателката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц.
Берлинскиот процес започна во 2014 година, на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, како формат за регионална соработка и поддршка за приближување на регионот на ЕУ.
Канцеларот Шолц ќе разговара со учесниците на две работни средби, како и на работен ручек, а темите ќе бидат „Регионална соработка и единствен регионален пазар“, „Зелена агенда за Западен Балкан, поврзаност и енергија“, како и идни планови на Берлинскиот процес.
Дополнително, шесте партнери од Западен Балкан ќе потпишат заедничка декларација за новиот Акциски план за единствен регионален пазар, како и договор за мобилност „Пристап до студии“.
На крајот на самитот е предвидена заедничка прес-конференција на канцеларот Шолц и претседателот на Европската комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.