Своевремено кошмар за администраторите на компјутерските системи на американската влада, подоцна угледен експерт за сајбер безбедност, почина по долга борба со ракот на панкреас на 59-годишна возраст.

Кевин Митник беше еден од првите хакери кои го прекршија законот. Роден е на 6 август 1963 година во Ван Најс, предградие на Лос Анџелес, а уште од мали нозе покажал голем интерес за технологијата и компјутерите и бил еден од првите хакери кои стекнале меѓународна слава.

Тој беше уапсен во 1995 година по двегодишна потера од страна на ФБИ. Федералните власти на Соединетите Американски Држави го обвинија за серија хакерски активности, вклучително и нелегален пристап до воени и корпоративни мрежи.

Меѓу другото, Митник беше обвинет дека украл тајни податоци од компјутерите на поголем број фирми, при што им нанел голема материјална штета. Тој беше осуден на пет години затвор. Иако првично негираше сè, на крајот се изјасни за виновен по седум обвиненија. Осум години му беше забрането да користи компјутер, мобилен телефон или каков било уред што може да се поврзе на интернет.

Кога мерката беше укината во 2003 година, тој ја основа консултантската фирма за сајбер безбедност „Митник секјурити консалтинг“, која ги стави неговите вештини за пробивање на компјутерските системи на правна страна. Тој беше признат експерт за сајбер безбедност и автор на неколку книги за хакирање и компјутерска безбедност.

За него првпат се слушна во 1979 година, кога „упадна“ во системот на Digital Equipment Corporation (DEK) повикувајќи го администраторот и убедувајќи го дека е еден од менаџерите на кои системот не им дозволува пристап. Администраторот веднаш му поставил профил и му ја дал лозинката што Митник ја споделил со колегите хакери кои го предизвикале да упадне во DEK. Тој беше обвинет за нанесување отштета од 160.000 долари.

Кевин Митник често е цитиран за хакирање и безбедност. Една од неговите најпознати изјави гласи:

„Само затоа што не можете да видите нешто, не значи дека тоа не може да ве убие“.

Оваа изјава обично се толкува како предупредување за скриени закани во светот на сајбер безбедноста каде што најопасните напади доаѓаат од неочекувани агли и извори кои на прв поглед изгледаат безопасни.

Почина од рак на панкреасот, со кој се бореше последните 14 месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.