Четириесетгодишниот маж, осомничен дека ја убил мајка си пред да земе заложници во источниот германски град Дрезден, починал од повредите здобиени во полициската операција, соопштија властите.

Полицијата соопшти дека 40-годишен маж ја убил својата 62-годишна мајка денеска рано наутро во станбена зграда во областа Прохлис во Дрезден.

Во соопштението се наведува дека тој подоцна зел вработен и дете како заложници во трговскиот центар „Алтмарк“ во центарот на Дрезден. Властите го евакуираа трговскиот центар и околните области. Заложниците се ослободени и не се повредени.

Пред заложничката криза, 40-годишникот пукал во канцелариите на Радио Дрезден и се обидел да ја пробие вратата.

Осомничениот се обидел да упадне во канцелариите утрово околу 8:30 часот, но не можел да помине низ вратата, изјави извршниот директор Тино Утаси за ДПА.

Откако не успеал да влезе во просториите на радио станицата, осомничениот пукал кон вратата.

Таму биле екипите на утринските емисии на РТЛ и Радио Дрезден.

„За среќа, персоналот беше присебен, истрча преку другиот излез и избега“, рече Утаси. (МИА)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.