Испораките на тешкото вооружување на НАТО за Киев нема суштински да сменат ништо во однос на текот на војната, туку само ќе предизвикаат нови проблеми за Украина, изјави во петокот портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, предупредувајќи ги западните земји дека таквата ќе зажалат за таквата одлука.

Украинскиот претседател Владимир (Володомир) Зеленски претходно изјави дека очекува „силни одлуки“ од министрите за одбрана на земјите членки на НАТО и уште неколку западни земји сојузнички на САД кои се среќаваат во петокот во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија за да разговараат за дополнителното јакнење на украинската војска, што вклучува и испраќање модерни тешки борбени тенкови во заднината на последните пробиви на руските војски на фронтот во Украина и стравувањата дека Русија се подготвува за голема можеби и решавачка офанзива.

„Последиците ќе бидат со негативен знак, дефинитивно. Повеќепати кажавме дека таквите испораки нема ништо суштински да изменат, но ќе создадат дополнителни проблеми за Украина и за украинскиот народ“, рече Песков на брифингот со новинарите акредитирани во Кремљ.

Потврдно одговори на прашањето дали испораката на таквото тешко софистицирано вооружување би претставувало ескалација на војната.

„Потполно сте во право, тоа навистина се развива во нагорна спирала. Гледаме растечка индиректна а понекогаш и директна вклученост на земјите на НАТО во овој конфликт.

Според портпаролот на Кремљ, стручњаците „добро ги знаат сите проблеми што ги придружуваат таквите испораки“.

„На сите тие тенкови им е потребно и одржување и поправки и …., така што тоа ќе ѝ додаде дополнителни проблеми на Украина, но нема да промени ништо во однос на напредувањето на руската страна во остварувањето на нејзините цели“, посочи портпаролот на Кремљ.

„Гледам и доследност во драматичната заблуда дека Украина може да успее на бојното поле. Тоа е драматична заблуда на западната заедница којашто повеќе од еднаш ќе биде причина за жалење, сигурни сме во тоа“, додаде во Песков.

Портпаролот на Кремљ повтори дека единствениот начин да се спречи натамошна ескалација на судирот е да се уважат стратешките загрижености коишто Русија во декември 2021 година ги претстави, но кои ги одбија САД и НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.