Пекинг во петокот го зголеми предупредувањето за топлото време на „црвено“, највисоко во системот за тревога, при што многу делови од кинескиот главен град се загреваат до 40 степени Целзиусови.
Според податоците на Општинската метеоролошка опсерваторија во Пекинг, официјалната температура за главниот град, измерена од опсерваторијата во јужните предградија, достигна 40 степени веднаш по 13:30 часот по локално време.
„Ова е првпат од формирањето на опсерваторијата, два последователни дена температурата да биде над 40 степени“, рече на прес-конференција Џанг Јингсин, главен прогнозер на институцијата. Опсерваторијата е основана во 1951 година.
Во четвртокот максималната температура во градот со речиси 22 милиони жители достигна 41 степен Целзиусови, со што беше поставен рекорд за најтопол ден во јуни. Метеоролошката станица во јужните предградија на Пекинг, главната за главниот град, забележа 41,1 попладне.
Претходниот јунски максимум беше забележан на 10 јуни 1961 година, кога живата достигна 40,6.
Дневниот максимум во четвртокот беше втор највисок во историјата на градот, нешто под 41,9 забележани во Пекинг на 24 јули 1999 година.
Кина има четиристепен систем за предупредување за времето, со црвената најтешка, проследена со портокалова, жолта и сина боја. Црвеното предупредување покажува дека температурата ќе се искачи над 40 степени во рок од 24 часа.
Кинеската метеоролошка управа во четвртокот соопшти дека очекува високите температури да се задржат во северниот дел на земјата во следните осум до 10 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.