Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман предупреди дека ако Иран се здобие со нуклеарно оружје, Саудиска Арабија ќе го стори истото.

Ако Иран добие нуклеарно оружје, и ние мора да го добиеме, изјави саудискиот принц за Фокс њуз во интервју емитувано вчера.

Иран негира дека сака нуклеарно оружје, пренесува Индекс.

Врските меѓу Ријад и Техеран се подобрија по договорот во март, со посредство на Кина, за повторно воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји по седум години без формални врски.

Бин Салман рече дека Иран е сериозен во напорите за помирување со Саудиска Арабија.

Разговарајќи за напорите за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, принцот изрази оптимизам за постигнатиот напредок, велејќи: „Секој ден се приближуваме“.

Тој негираше дека се прекинати преговорите со Израел со посредство на САД.

Зборувајќи за важноста на палестинското прашање во контекст на нормализацијата на односите со Израел, тој рече: Палестинското прашање е многу важно за нас. Мораме да го решиме тој дел. Мораме да видиме во која насока оди прашањето. Се надеваме дека ќе им го олесниме животот на Палестинците, ќе го добиеме Израел како играч на Блискиот Исток, додаде тој.

Администрацијата на Бајден активно работи на дипломатска нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел.

Тие сакаат да постигнат нешто слично на т.н Договори на Абрахам – Серија договори за нормализација со посредство на САД во 2020 година меѓу Израел и четири арапски држави за време на администрацијата на Трамп.

Пред да се согласи на каков било договор, Саудиска Арабија бара формирање на независна палестинска држава и други отстапки од Израел за Палестинците.

Тајмс од Израел наведува дека противење на планот нешто такво да се случи нема само во САД, туку и во Израел.

Весникот потсетува дека минатиот месец Јаир Лапид, поранешен израелски премиер и шеф на дипломатијата, кој сега е на чело на опозицијата, рекол дека тој договор во овој момент ја загрозува безбедноста на Израел и регионот.

Не смееме на Саудиска Арабија да и овозможимена било кое ниво на збогатен ураниум – рекол Лапид.

Овој израелски политичар е син на Јосеф Томи Лапид, некогашен вицепремиер и министер за одбрана на Израел, кој е роден како Томислав Лампел 1931 во Нови Сад, а после Втората светска војна се одселил во Израел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.