Амнести интернешнал по повод Светскиот ден на животната средина објави која земја е најранлива кога станува збор за топлотниот удар. Според нивните податоци се работи за Пакистан.

Како што наведуваат во својот извештај, многу жители на таа земја се премногу сиромашни за да си дозволат заштита од високите температури.

Лекарите забележуваат се повеќе случаи на топлотен удар, вртоглавица и отежнато дишење, а се повеќе пациенти мора да се лекуваат во итната медицинска помош, посочува АИ. Во исто време, експертите стравуваат дека екстремните временски настани ќе зачестат поради климатските промени.

Минатата пролет во Пакистан беше особено жешка, со рекордни температури кои набрзина достигнаа 51 Целзиусов степен во градот Јакобабад, додека летото донесе рекордни врнежи од дожд и поплави во третина од земјата.

Многу граѓани со ниски примања работат на отворено, дури и при екстремни жештини, што значи дека се особено ранливи на климатските промени, објаснува АИ.

Исто така, повеќе од 40 милиони луѓе немаат постојан пристап до струја, што значи дека не можат да користат клима уреди или вентилатори.

Маргинализираните социјални групи се изложени на опасни по живот последици од климатските промени, а температурите ќе продолжат да растат, предупреди заменик-регионалниот директор на Амнести за Јужна Азија, Динусика Дисанајака.

Затоа Амнести ја повикува пакистанската влада да подготви план за градовите кои ќе ги заштитат жителите од високите температури, а богатите земји да ги намалат емисиите и да му помогнат на Пакистан да се прилагоди на климатските промени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.