Џенаро Санџулијано, италијанскиот министер за култура, во интервју за РАИ призна дека се обидел да ја вработи својата љубовница Марија Розарија Бочија во својот тим.

Тој со солзи во очите призна што се обидел да направи и откри дека ѝ ја понудил својата оставка на премиерката Џорџа Мелони, но таа ја одбила.

Скандалот изби кога Бочија, инфлуенсерка со повеќе од 60.000 следачи на Инстаграм, објави дека станала советничка на министерот за култура. Министерството веднаш го негираше ова, но таа потоа објави фотографии и видеа од службени патувања.

Министерот, кој е во брак, призна дека ѝ понудил работа на Бочија, но подоцна ја повлекол понудата по совет дека би можело да настане судир на интереси поради нивната „лична, сентиментална“ врска.

Тој низ солзи ѝ се извини на својата сопруга, но и на премиерката Мелони за срамот што го предизвикал.

Ова е втор скандал што го погодува Министерството за култура оваа година, со тоа што потсекретарот на Санџулијано, тогашниот потсекретар за култура Виторио Сгарби, поднесе оставка во февруари, откако беше обвинет за перење украдени уметнички дела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.