Рускиот бизнисмен и милијардер Роман Абрамович, кој беше санкциониран од Западот поради инвазијата на Москва врз Украина, присуствува на мировните преговори меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, објави Би Би Си.

На снимките што ги објавија турските медиуми, Абрамович не се наоѓа на главната маса за преговори, но се гледа како седи покрај Ибрахим Калин, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, и носи слушалки за превод.

Медиумите наведуваат дека Абрамович накратко разговарал со Ердоган пред почетокот на преговорите во Истанбул. Во разговорот учествувал и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Волстрит журнал“ вчера објави дека Абрамович, кој го прифатил барањето на Украина да помогне во преговорите за ставање крај на руската инвазија, и украинските мировни преговарачи неодамна имале симптоми на труење по состанокот во Киев.

Според „Индепендент“, Абрамович се пожалил на болки во очите и воспаление на кожата неколку часа по напуштањето на украинската престолнина. Тој тврди дека накратко бил и целосно слеп и дека му се лупела кожата на лицето.

Овие симптоми, велат експертите за Телеграф, наликуваат на труењето со три можни хемикалии: порфирини, бициклични материи или органофосфати.

Неименуван американски функционер, пак, подоцна изјавил дека разузнавачките податоци сугерираат дека симптомите на лошата здравствена состојба на рускиот милијардер Роман Абрамович и украинските мировни преговарачи биле резултат на фактори на околината, а не на труење.

Нова рунда преговори меѓу руската и украинската делегација почна денеска во Истанбул, истакна советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак. Во меѓувреме, една украинска телевизија објави дека членовите на двете делегации не се ракувале пред почетокот на разговорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.