Осум лица се приведени во Русија поради нападот на мостот на Крим, а руските безбедносни сили наведоа дека зад нив стои висока личност од Украина, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Агенцијата го цитира соопштението на Федералната служба за безбедност (ФСБ):
„Федералната служба за безбедност заедно со Истражниот комитет утврди дека организатор на терористичкиот напад на мостот на Крим е Главната разузнавачка управа на украинското министерство за одбрана, нејзиниот началник Кирило Буданов, вработени и агенти. Во моментов се приведени пет државјани на Русија и тројца државјани на Украина и Ерменија кои учествувале во подготовка на злосторството“.
ФСБ тврди дека експлозивите што предизвикале уривање на дел од мостот биле испратени од Одеса преку Бугарија, Грузија и Ерменија.
ТАСС пренесува дека товарот со експлозиви бил испратен до непостоечка компанија на Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Објавени детали за наводното движење на експлозивите
Оттаму беа објавени повеќе детали.
„На почетокот на август товарот бил испратен од морското пристаниште Одеса до бугарското пристаниште Русе… Од Бугарија продолжи кон грузиското пристаниште Поти, а потоа до Ерменија. Од 29 септември до 3 октомври, на терминалот Трансалијанс во Ереван, товарот бил царинен… Со камион на ДАФ регистриран во Грузија, товарот ја преминал руско-грузиската граница на 4 октомври на контролниот пункт Горњи Ларс, два дена подоцна бил испорачан и истоварен на базата во Армавир.
На 7 октомври повторно биле сменети документите за товар. Како испраќач била наведена фирмата ТЕК-34 ДОО од Уљановск, а како примач непостоечка компанија на Крим.
Движењето на товарот по целата траса го контролирал вработен во Главната разузнавачка управа на министерството за одбрана на Украина, кој на учесниците во шемата им се претставил како Иван Ивановиќ. За да ги координира акциите користел виртуелен анонимен број, како и телефонски број регистриран на жител на Кременчук“, соопштија оттаму.
РИА потсетува дека експлозијата се случила на 8 октомври, а официјалната приказна на Русија е дека „камион експлодирал на мостот на Крим, по што се запалиле седум цистерни со гориво од воз што минувал. Четири лица загинаа, меѓу кои и судија од Москва“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.