Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска објави дека го поканил шведскиот премиер да ја посети Будимпешта и да преговара за членството на неговата земја во НАТО алијансата, закочена од Унгарија и Турција.

Денеска испратив покана до премиерот Улф Кристерсон да ја посети Унгарија за да преговара за прием на Шведска во НАТО – напиша Орбан на социјалната мрежа Х.

Во 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, Шведска и Финска ја напуштија својата повеќедецениска политика на воена неутралност и аплицираа за членство во НАТО.

Во меѓувреме, Финска стана членка, но Шведска беше запрена на својот пат од Унгарија и Турција.

Турскиот претседател Таип Ердоган му приговара на Стокхолм за наводно заштита на групи кои Анкара ги смета за терористички, а Орбан тврди дека нема закана за безбедноста на Шведска, која „неразумно ги обвинува“ унгарските власти за поткопување на демократијата.

Шведска не презема никакви чекори за зајакнување на довербата за нашиот однос да стане однос на сојузници и пријатели. Овој однос во моментов правно е еден од сојузничките, но не може да се смета за пријателски, па морам да заклучам дека за Шведска денес воопшто не е приоритет брзо да се приклучи на НАТО – рече Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, на брифинг минатата недела.

Унгарскиот парламент, кој моментално е на зимски распуст, ќе продолжи со работа во средината на февруари.

Турскиот парламент во вторник треба да расправа за апликацијата на Шведска за членство во НАТО, изјави во понеделникот извор од парламентот.

Комитетот за надворешни работи на турскиот парламент го одобри барањето на Шведска минатиот месец, што е прв чекор во процесот на ратификација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.