Американската администрација смета дека нападот со беспилотно летало врз Кремљ на почетокот на мај го извршила украинската разузнавачка агенција, објави „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори.

Според њујоршкиот весник, „американските разузнавачки агенции не знаат која единица го извршила нападот“, а не е јасно дали украинскиот претседател Володимир Зеленски бил запознаен за операцијата.

„Њујорк тајмс“ наведе дека „некои американски функционери првично мислеле дека нападот бил организиран од руската влада“, но дека по нападот „САД пресретнале разговор во кој се слушаат руски претставници како зборуваат за прелиминарната истрага на Москва за нападот“.

„Во тие разговори руските функционери изгледаат изненадени од упадот на дронот и ја обвинуваат Украина. Американските власти рекоа дека ова разузнавање им помогнало да се уверат дека нападот не го извршиле Русите – пишува американскиот весник.

Прес-службата на рускиот претседател објави дека Украина во раните утрински часови на 3 мај се обидела да ја нападне резиденцијата на Владимир Путин со дронови и дека руската армија успешно неутрализирала два беспилотни летала кои го таргетирале Кремљ и дека Путин не е повреден.

Од самиот почеток Русија тврдеше дека Украина стои зад нападот со дронови врз Кремљ на почетокот на овој месец, изјави денеска Дмитриј Песков, прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин.

Песков ја даде оваа изјава откако Њујорк Тајмс објави дека, според американските разузнавачки служби, нападот најверојатно го извршиле украински специјални воени единици или разузнавачки единици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.