Новороденчињата во Италија повеќе нема автоматски да го добиваат презимето на нивниот татко, туку презимето на нивниот татко и мајка, одлучи Уставниот суд во Рим.

Досега во оваа медитеранска земја беше задолжително новороденчето да го добие презимето на таткото, доколку таткото го признал. Мајчиното презиме можело да се додаде на презимето на таткото со посебен поднесок од родителите.

Во Италија жените го задржуваат презимето и по бракот, што значи дека италијанските мајки досега во повеќето случаи имале презимиња поинакви од нивните деца.

Сепак, оваа правна норма ги прекршува членовите од италијанскиот устав, како и Европската конвенција за човекови права, се вели во пресудата на судот објавена во средата.

Родителите во иднина мора да бидат слободни да одлучат дали на своите деца ќе им дадат татково, мајчино или двојно презиме, одлучија судиите.

Предлог-законот со кој ќе се воведе оваа измена е веќе во парламентот. Во иднина, доколку родителите не се изјаснат поинаку, детето автоматски ќе ги добива двете презимиња.

Застапниците за промена на законот рекоа дека тоа е „историска пресуда“, „мала револуција“ и дополнителен чекор кон еднаквост меѓу мажите и жените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.