Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во понеделникот, при што Dow Jones индексот достигна ново рекордно ниво, а најмногу пораснаа цените на акциите на помалите и средни компании.

Индексот Dow Jones зајакна 0,99 отсто, на 44.736 поени, додека S&P 500 порасна за 0,30 отсто, на 5.987 поени, а индексот Nasdaq 0,27 отсто, на 19.054 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од одлуката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за нов министер за финансии да го номинира инвеститорот Скот Бесент, кој работеше за познатиот берзанскиот шпекулант Џорџ Сорос, а подоцна основаше и сопствен хеџ фонд „Key Square Group“.

Инвеститорите очекуваат дека Бесент ќе биде поволен за пазарот, намалување на даноците и дерегулација на одредени сектори.

Последниве денови, акциите на помалите и средни компании го предводат растот на цените.

„Секторите кои заостанаа оваа година сега растат посилно, не само поради изборот на Трамп, туку и поради намалувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка“, вели Адам Сархан, директор на „50 Park Investments“.

Но, бидејќи економијата постојано расте, додека инфлацијата останува над целта на Fed од 2 отсто, постои загриженост дека централната банка би можела да го забави темпото на намалување на каматните стапки, па дури и да го запре процесот.

Дотолку повеќе ако инфлацијата зајакне поради политиките на Трамп за стимулирање на економскиот раст и најавеното зголемување на царините.

Вчера пораснаа и индексите на европските берзи. Лондонски FTSE зајакна 0,36 отсто, на 8.291 поен, додека франкфуртски DAX зајакна 0,43 отсто, на 19.405 поени, а париски CAC 0,03 отсто, на 7.257 поени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.