Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа денеска изјави дека насилството на бандите во неговата земја, што ескалираше во текот на оваа недела, е проблем за целиот свет.

Најмладиот претседател на Еквадор на функцијата стапи во ноември, а по само два месеца се соочува со најголемата криза во земјата во нејзината модерна историја.

-Не влегов во ова мислејќи дека ќе биде лесно, изјави тој за Би-Би-Си.

За време на немирите, двајца лидери на банди избегаа од затвор, затворските чувари беа држени како заложници, вооружени напаѓачи упаднаа на телевизија за време на програма во живо, а експлозии одекнуваа низ целата земја.

Нобоа прогласи воена состојба и им објави војна на моќните банди, кои ја контролираат трговијата со кокаин.

-Не можеме да продолжиме со оваа игра што овие терористички групи се обидуваат да ја наметнат, рече тој.

Претседателот Нобоа и наредил на армијата да „неутрализира“ 22 вооружени групи, кои ги нарече терористички организации.

Помош понуди и Вашингтон, па делегација од САД ќе пристигне во Еквадор во наредните недели.

Неговите критичари овој потег на Вашингтон го нарекуваат американски интервенционизам, но претседателот Нобоа го поздрави.

-Охрабрувачки е да се види дека меѓународната заедница всушност обрнува внимание на тоа што се случува овде. Тоа влијае на целиот свет, нарко-терористите кои оперираат овде имаат операции во Европа, во САД. Мораме да го решиме проблемот од коренот, а коренот на проблемот е тука, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.