Неколку илјади Чеси денеска протестираа во Прага пред седиштето на чешката влада на покана на синдикатот „КОВО“ против најавената реформа на пензискиот систем, во која имаше и предлог границата за пензионирање да се помести на 68 години.

„Пензионирање на 68 – Не. Оставка на владата на Фијала – ДА“, е големиот транспарент што работниците и синдикалните активисти од различни делови на Чешка денеска го донесоа пред Владата.

„Ги повикавме и владините претставници, но тие се плашат од нас, не сакаат да ја слушнат вистината. Дојдовме денес да им кажеме како живеат луѓето и што мислиме за нивните чекори. Власта не се грижи за социјалниот дијалог. Министрите не доаѓаат на трилатерални состаноци и пуштаат само пробни балони за реформите“, рече шефот на синдикатот „КОВО“, кој го организираше протестот, Роман Ѓурчо.

„Кога дознавме за пензионирањето на 68 години, не можевме да веруваме. На некои позиции во „Шкода“ не можете да работите до 60 години. И немаме помалку физички тешки работни места за тие луѓе. Во овој момент луѓето ги претвораме во социјални бедници“, им порача на насобраните демонстранти првиот човек на синдикатот во фабриката за автомобили „Шкода“, Јарослав Повшик.

„Ја повикуваме владата да почне да разговара за пензиската реформа со сите политички партии и експерти. Бараме брзо да подготви предлог за пензионирање за физички напорни професии. Понатаму бараме владата да престане да ги плаши граѓаните со предлози кои се уште не ги подготвила во целост“, се главните барања на синдикатите и демонстрантите.

Чешкиот премиер Петр Фијала денеска изјави дека е тешко да се каже зошто работниците и синдикатите протестираат кога се уште нема готов предлог за реформа, а владата разговара за решенија и со опозицијата и со синдикатите.

„Ако добро разбрав, протестираат против пензиската реформа чии параметри се уште не се усвоени од владата. Тешко е да се каже против што протестираат“, рече тој.

Министерот за труд и социјала Маријан Јуречка рече дека нема намера во измените на законот да воведе старосна граница за пензионирање од 68 години.

„Морам јасно да кажам дека не верувам дека предлогот за реформи би содржел толку јасна граница за пензионирање. Мора да земеме во предвид дека животот е шарен, некој работи 18, 19 години и плаќа придонеси долго време, да речеме во професија со физички напор. Мора да се земе предвид должината на животот и тежината на работата“, рече Јуречка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.