Поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер, кој имаше клучна и поларизирачка улога во американската надворешна политика за време на Студената војна, почина на 100 години во својот дом во Конектикат. Тој служеше како главен дипломат и советник за национална безбедност во администрациите на Ричард Никсон и Џералд Форд.

Иако ја напушти Белата куќа во средина на 1970-тите, Кисинџер продолжи да советува генерации лидери во следните децении.

Роден во еврејско семејство во Баварија во 1923, тој имал 15 години кога неговото семејство избегало од нацистичкиот прогон и се преселило во Њујорк. По дипломирањето и докторирањето, почнал да предава на Универзитетот Харвард, а во политиката влегол во 1969, кога претседателот Никсон го назначил за советник за национална безбедност, функција која му даде големо влијание во американската дипломатија.

Во неговите осум години како советник за национална безбедност и државен секретар, САД конечно ја завршија војната во Виетнам, ги почнаа односите со Кина и помогнаа да се стави крај на блискоисточната војна помеѓу Израел од една и Египет и Сирија од другата страна. Неговите напори ги поставија односите на шатл дипломатијата и во 1973 година ја доби Нобеловата награда за мир заедно со северновиетнамскиот политичар и дипломат Ле Дук То, кој одби да ја прими.

Низ годините тој беше и критикуван за поддршка на репресивните режими низ светот, како оној на Пиноче во Чиле.

Иако ја напушти владината служба во 1977, Кисинџер продолжи да биде јавен коментатор на меѓународните односи и неговите совети беа барани од Кенеди до Бајден. Тој беше единствениот Американец кој директно разговарал со сите кинески лидери од Мао Це Тунг до Шји Џинпинг, па на веста за неговата смрт, кинеските медиуми го опишаа како стар пријател на кинескиот народ.

Беше активен дури и откако наполни 100 години, па во јули изненадувачки ја посети Кина и се сретна со Шји Џинпинг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.